Ренова подобра од Струга, двајцата тренери задоволни од тест мечот

Фудбалерите на Ренова со триумф над Струга Трим Љум со 3-1 (1-0) на „Атина Бојаџи“ во Охрид ги завршија десетдневните подготовки во Охрид. „Гипсарите“ одиграа вкупно три контролни мечеви на кои забележаа две победи Струга Трим Лум 3-1 и Гостивар 5-2 и претрпеа пораз од Победа 3-1.

„Комплетно сум задоволен од подготовките во Охрид, бидејќи одработивме повеќе од тоа што имавме зацртано. Во Охрид акцент ставивме на тактиката затоа што базичните подготовки ги завршивме уште во Тетово. Ни фалеше уште еден натпревар, но немавме спаринг партнер. Без разлика на дефицитот од еден меч, пак ќе повторам презадоволен сум од ангажманот и желбата на фудбалерите“, рече тренерот на Ренова, Влатко Костов.

„Гипсарите“ подготовките ќе ги продолжат во Тетово каде ќе одиграат уште неколку контролни мечеви пред почетокот на новата сезона во Првата лига.

Новајлијата во Втората лига, Струга Трим Љум пред нецела недела ги започна активностите за дебито во второто клупско натпреварување по ранг во Македонија. Стружани на контролната средба со Ренова во Охрид тестираа неколку фудбалери.

„Само што ги започнавме подготовките и се гледа дека ни се тешки нозете, бидејќи минуваме низ првата фаза. Пријателската средба со Ренова добро ни дојде за тестирање на некои фудбалери кои почнаа со тренинзи кај нас. Има доста време до почетокот на сезоната и ветувам дека до тогаш ќе се подготвиме максимално“, изјави Неџат Хусеин, предводникот на стружани.

Новата сезона и во Првата и во двете Втори лиги ќе започне викендот на 13 и 14 август.