ВИДЕО: Реал Мадрид продолжува по старо - лесно совладана Севиља во Купот на Кралот

Во првиот осминафинален натпревар од Купот на Кралот на „Сантијаго Бернабеу“ фудбалерите на Реал Мадрид славеа полесно од очекуваното против Севиља со 3-0 (3-0). Победата добива на значење, бидејќи Зидан на денешниот натпревар реши да настапи без Кристијано Роналдо, а во тимот поради повреда ги немаше и Рамос, Пепе, Ковачиќ, Лукас и од поодамна повредениот Герет Бејл.

И во мешан состав избраниците на Зидан започнаа подобро и по голот на Џејмс Родригез, со прекрасен удар надвор од шеснаесетникот, дојдоа во водство од 1-0. Во продолжение гостите од Андалузија имаа шанси за израмнување, но казната за промашувањата набрзо ги стигна, откако Варан со глава, во 29. минута по корнерот на Крос, зголеми на 2-0.

До одморот Родригез постигна уште еден гол, овојпат од пенал, за убедливи 3-0 на полувреме.

Во продолжение фудбалерите на Севиља беа тие кои повеќе посакуваа да постигнат гол, за разлика од домаќините, кои со мирна игра ја бранеа високата предност и тоа во потполност им успеа.

Во првите два денешни натпревари фудбалерите на Реал Сосиедад во реваншот ќе патуваат со солидна залиха, откако денес на домашен терен го совладаа Виљареал со 3-1. Натпреварот помеѓу Алкоркон и Кордоба заврши 0-0.