ВИДЕО: Рашфорд во екстра-времето го порази Андерлехт и донесе полуфинале за „ѓаволите“

Во реванш натпреварот од четвртфиналето на Лига Европа, фудбалерите на Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ по продолженијата славеа победа над Андерлехт со 2-1 (1-1, 1-1) и со вкупни 3-2 се пласираа во полуфиналето.

Првата шанса, уште во третата минута ја имаа гостите, но ударот на Дендокер заврши за малку над стативата. Избранците на Мурињо брзо реагираа и Михтарјан по асистенцијата на Рашфорд погоди за 1-0.

Во продолжение „црвените ѓаволи“ имаа две добри шанси, најпрво се закани Погба, веднаш потоа и Лингард, но и во двата случаи гостинскиот голман успеа да ја сочува својата мрежа. Неискористените шанси како да беа кобни за домаќините, па во 32. минута Софјан Ани погоди за 1-1.

Пред самиот крај на полувремето, токму стрелецот на голот Ани имаше прекрасна шанса за целосен пресврт, но Јунајтед се извлече и замина на одмор со резултат 1-1.

Како што заврши првото, така започна второто полувреме. Андерлехт преку Теодорчук имаше прекрасна шанса, но тој во завршницата беше неснаодлив, па од сето тоа доби само корнер. Домаќините на тоа веднаш возвратија со шанса на Лингард, кој со лизгачки старт не успеа да ја смести топката во празната мрежа.

Во 69. минута Рашфорд излезе очи во очи со гостинскиот голман, но избега во лево и не успеа да донесе предност која ќе го доближи Манчестер до полуфиналето. „Црвените ѓаволи“ продолжија со нападите, а следната голема шанса ја имаше Ибрахимовиќ, но повторно Рубен беше поуспешен. Во продолжение се редеа шанси пред голот на Андерлехт, но без завршница, па натпреварот влезе во дополнителни 30 минути, кои поминаа без Златан Ибрахимовиќ, кој се повреди во самата завршница.

И во продолженијата избраниците на Мурињо доминираа, но повторно ја имаа истата мака, не успеваа да бидат прсебни во самата завршница. Фудбалерите на Андерлехт едноставно беа ориентирани да исфорсираат пенали, но тоа им се удри од глава во 106. минута, кога Рашфорд конечно погоди и донесе предност од 2-1, што беше и конечен резултат.