ВИДЕО: Работнички се избори за реми со Шкендија, четвртфиналистот ќе се решава во Тетово

Ланскиот финалист во Купот на Македонија, екипата на Шкендија, во рамки на осминафиналето на стадионот во Ѓорче Петров одигра 1-1 (0-1) со Работнички и ќе мора да ја правда фаворитската улога на хартија на домашен терен, на реваншот во Тетово.

Големиот фаворит на хартија доминираше на теренот во Ѓорче Петров, но сепак, Работнички дојде до реми со кое може да се надева на позитивен резултат на мечот во Тетово и пласман во наредната фаза. Вториот натпревар меѓу Шкендија и Работнички се игра на 18 октомври на Градскиот стадион во Тетово.

Натпреварот почна со доминација на Шкендија и неколку полушанси на Ибраими и Хасани, кои завршија крај стативите на Божиновски, а својот гол тетовчани го постигнаа од пенал во 39. минута, кога Рашо се судри со Емини, а Маркоски покажа на белата точка.

Одговорноста да го изведе пеналот ја презема најдобриот стрелец на тимот, Бесарт Ибраими, кој не погреши и шутираше на спротивната страна од голот на Работнички. Тетовчани заминаа со гол предност на полувреме (0-1), а до изедначување Работнички дојде во средината на првиот дел, поточно во 71. минута, кога нафрли Стјепановиќ, а Дурански со глава погоди во мрежата на Шкендија.

До финишот се играше мирен фудбал, а двата тима имаа по неколку шанси кои не претставуваа голема опасност кон головите на Божиновски и Захов. На мечот настапи и новото засилување на „романтичарите“; Чарлс Гофри, кој создаде неколку шанси за гол.

Работнички и Шкендија ќе одиграат уште еден меч за неколку дена, во рамки на Првата лига, кој е закажан на „Телеком арената“.