Претседателот на Гезтепе го пофали Јаховиќ, но не кажа ни збор за трансферот во Галатасарај

Јаховиќ

Адис Јаховиќ, поранешниот македонски репрезентативец, сè почесто е тема кај турските медиуми. До пред некој ден поради неговите одлични игри и гол-серијата, а од вчера поради наводно договорениот трансфер во турскиот гигант Галатасарај. 

Македонскиот „бомбардер“ до крајот на годината има важечки договор со сегашниот клуб Гезтепе и засега нема никакви преговори за продолжување на истиот, а причината е можеби токму трансферот во Галатасарај. Вчера како лавина одекна информацијата која ексклузивно ја објави „Фанатак“ дека Јаховиќ од јануари ќе биде нов член на некогашниот турски шампион, откако двата клуба веќе ги договориле условите за реализирање на овој трансфер. 

Сепак, за овие пишувања првиот човек на Гезтепе, Мехмет Сепил, не сакаше да каже ни збор, односно тој за турски „Еуроспорт“ испрати само пофални зборови за македонскиот напаѓач.

„Чест и задоволство е за мене, а воедно и за клубот што го имаме овој фудбалер во своите редови. Јаховиќ е еден од најдобрите фудбалери во Турција. Тој е одличен тимски играч, а тоа на тимот му носи само успеси и добри разултати“, изјави Сепил.

Јаховиќ и Бафетимби Гомис од Галатасарај со по 11 погодоци ја делат првата позиција на листата на најдобри стрелци во турскиот шампионат.