Пред 10 дена доби отказ од ФАБРИКА, а од денес е нов фудбалер на Арсенал!

Коен Брамал

Многу ќе беше лесно ако животот e филм, сите ќе знаевме каде нè води, каде ќе започнеме и каде ќе завршиме. Но, реалноста е сосема друга и доколку сакаме успех во кариерата, мораме напорно да работиме и да веруваме во нашата зацртана цел. Сигурно ќе се соочиме со многу падови и неуспеси, но големите работи можат да дојдат преку ноќ. 

Баш ваква е животната приказна на младиот 20-годишен англиски фудбалер, Коен Брамал, кој од седмата по ранг лига во Англија, од денес е нов фудбалер на гигантот, Арсенал. За приказната да биде уште по убава, левиот бек на Хеднесфорд пред само 10 дена доби отказ во фабриката за автомобили каде што работел. 

„Работев во Кру, за Бентли Моторс. Така, секој ден од 06 до 17.00 часот ја заработував мојата дневница, а фудбал тренирав трипати неделно и само во сабота играв натпревари. Пред крајот на 2016 година ми беше кажано дека сум вишок и дека работа за мене во оваа фабрика повеќе нема. Навистина бев многу разочаран. Но, нешто спротивно ми се случи кога пред некој ден добив повик од Арсенал. Искрено не ми се веруваше дека е можно така голем клуб да биде заинтересиран за мене. Ете мојот сон се оствари и во иднина можеби ќе играм покрај Озил, Санчез и останатите“, изјави Брамал. 

Засега не се познати деталите од овој премин на 20-годишниот фудбалер, ниту колкав период ќе ги брани боите на „топџиите“, а најверојатно сега ќе настапува за младинскиот тим.