ВИДЕО: Пелистер убедливо го надигра Борец, Победа им се реваншира на штипјани

Бранителот на титулата од Купот на Македонија, битолски Пелистер го совлада амбициозниот второлигаш Борец од Велес со 4-2 (1-0).

Пелистер уште во раната фаза со голот на Матеј Цветановски поведе, откако младиот фудбалер на битолскиот прволигаш заврши една долга акција почната по левата страна и со левата нога ја погоди мрежата на велешани.

Комбинираниот тим на Захариевски креираше уште неколку шанси за гол, но реализацијата затаи, како и во неделата во натпреварот од четвртото коло на ПМФЛ против Скопје. Лукас со убав гол по еден час игра зголеми на 2-0, а Андреј Кудијан веднаш потоа погоди за Борец и намали на 2-1.

Сепак, капитенот на пелистерци Мартин Ковачев ја врати дистанцата од два гола и зголеми на 3-1. Бразилецот Лукас со својот втор гол во 86. минута погоди за 4-1, а Танушев од пенал во судиското надополнување ги постави финалните 4-2. По подолг период на теренот се појави Христијан Драгарски, кој е целосно заздравен од повредата. 

Источното прволигашко дерби му припадна на Силекс, кој во Кратово беше подобар од Академија Пандев и на реваншот патува со предност од 1-0 со голот на Филиповиќ во 23. минута.

Екипата на Тасевски поведе во раната фаза, имаше и опции за втор гол, но резултатот не се менуваше. Струмичани натпреварот го завршија со човек помалку, заради црвениот картон на Атанасковски во судиското надополнување. 

Брегалница и Победа одиграа луд натпревар во кој гостите славеа со 2-3, иако по првиот дел водеа штипјани преку Здравков. Прволигашот возврати за ланската елиминација во Купот и со головите на Неданоски, Илиески и Маневски, поведе со 1-3. Атанасовски во самиот финиш ја погоди мрежата на прилепчани и ги постави финалните 2-3. 

Ренова беше шокирана од второлигашот Струга Трим Љум, кој по првиот дел водеше со 0-2 (Хенин и Лога). Следеше одлично второ полувреме за екипата на Костов и три гола во мрежата на второлигашот за финални 3-2. Двата гола второлигашот ги постигна во првиот дел, а двапати Гафури и еднаш Нафиу погодија за домаќините во финишот.

Кожув и Тетекс играа без победник, 2-2, па патникот во следното коло ќе се решава за реваншот. Станковски и Јанакиевски погодија за гостите од Тетово, но во самиот финиш домаќинот се спаси од пораз со головите на Ристенски и Гроздановски. Скопје го победи Еуромилк ГЛ со 3-0  и со најголема предност ќе го чека реваншот. Ѓурчиновски, Јаневски и Џудургиќ беа стрелци за прволигашот. 

Реванш натпреварите се играат на 18 октомври