ВИДЕО: Пелагониското дерби за Пелистер, Лукас им пресуди на прилепчани!

Екипата на Пелистер на чело со новиот тренер Срѓан Захариевски со победа ги стартуваше настапите во новата сезона на ПМФЛ. Попладнево битолските фудбалери беа поуспешни во пелагониското дерби, откако извојуваа заслужен триумф на гостувањето кај Победа (2-1). 

И двајцата тренери на стадионот во Могила истрчаа со очекуваните 11 фудбалери, а вреди да се напоменe дека Победа во својот почетен состав имаше повеќе битолчани од Пелистер. Стратегот, Штерјовски кој исто така е битолчанец за денешниот дуел се одлучи да настапи со пет играчи од Битола (Илијовски, Ристевски, Маневски, Неданоски, Мустафов), додека неговиот колега Захариевски истрча за само тројца - Тодоровски, Трифуновски, Благоја Љамчевски. 

Мечот започна со иницијатива на битолските фудбалери, кои преку Пеев и Трифуновски имаа можност уште на стартот да дојдат до почетно водство. Прв се закани Пеев, кој излезе сам пред домашниот голман, но биеше непрецизно покрај голот.

Идентично завршија и ударите на првиот напаѓач Иве Трифуновски, но сепак, токму битолчанецот во 24. минута го отвори резултатот и му донесе заслужена предност на Пелистер. Пеев мудро украде една топка на средината на теренот и ја започна акцијата, која во продолжение во гол ја претвори Трифуновски (0-1). 

До крајот на првите 45 минути Победа ги консолидира своите редови и конечно се закани кон голот на Јовановски. Најзрелата шанса за 1-1 ја имаше Цветановски кој со атрактивен удар со „ножички“ сакаше да го изненади гостинскиот голман. Сепак, битолскиот чувар беше на висината на задачата и навремено интервенираше. 

Почетокот на вторите 45 минути им припаднаа на прилепчани, кои во 51. минута успеаја да израмнат на 1-1. Во казнениот простор на битолчани срушен беше Најдовски, па Ставрев без размислување досуди удар од 11 метри, кој во гол го претвори Борче Маневски.

Прилепчани продолжија со офанзивната игра, но пелистерци на голот го имаа расположениот Јовановски, кој за само две секунди успеа да одбрани два зицера на домаќините. Најпрво со глава биеше Маневски, а потоа Мустафов, но новиот голман на Пелистер на чудесен начин ги скроти двата удари. 

Кога нема да искористиш вакви шанси, фудбалски следува казна, а токму тоа им се случи на фудбалерите на Победа и Пелистер повторно поведе. Стрелец на вториот гол за битолчани беше бразилскиот интернационалец, Лукас, кој највисоко скокна по центаршутот на Тошевски и топката ја смести во мрежата на Талески.

До крајот на мечот Пелистер мудро го чуваше водството и не му дозволи на противничките фудбалери посериозно да се заканат кон голот на Јовановски.