„Пандевци“ сигурно чекорат кон полуфинале, Ренова во финишот го скрши Скопје

Екипите на Ренова и Академија Пандев забележаа сигурни победи во Тетово, каде денес ги одиграа првите натпревари од четвртфиналната фаза на Купот на Македонија. 

Најпријатното изненадување во ПМФЛ успеа да ја прекине црната серија од два порази во низа во домашното првенство и славеше заслужена победа од 0-2 (0-1) на гостувањето кај второлигашот Тетекс. Мишов во 35. минута го отвори резултатот за 0-1, додека во 83. минута Балдовалиев зголеми на 0-2. Претходно, во 77. минута, Атанасковски заработи втор жолт картон и исклучување.

Со овој триумф на гостински терен, со два постигнати и без примен гол, шансите за дебитантски и историски пласман на Академија Пандев меѓу четирите најдобри во Купот се зголемуваат драстично во пресрет на реваншот во Струмица.

Во вториот натпревар, кој исто така се одигра во Тетово, екипата на Ренова во финишот од мечот успеа да го скрши отпорот на Скопје и на реваншот во главниот град да отпатува со сигурна предност од 2-0. Избраниците на Марковски одлично им парираа на домашните фудбалери, но при самиот крај одбраната двапати потклекна и ѝ дозволи на Ренова да слави голема победа, по која со една нога е во полуфиналето на Купот. Стрелци на головите за тимот од „џепчиште“ беа Филип Петковски и Стефан Костов.

Реванш натпреварите во Струмица и Скопје се закажани за на 29 овој месец со почеток од 13.00 часот.