„Пандевци“ обвинуваат: Стојчевски судеше срамно, ги пцуеше Пандев и Дориев!

Чести се реакциите на македонските клубови на делењето на правдата на официјалните натпревари. Академија Пандев попладнево е поразена со 1-0 во првиот осминафинален дуел од Купот на Македонија против Силекс. По поразот клубот од Струмица сподели соопшение во кое искажа незадоволство од делењето на правдата на главниот судија Стојчевски и неговите помошници.

Соопштението ви го презентираме во целост:

„Иако нашиот клуб секогаш причините за поразот ги бара во сопствените редови, не можеме да поминеме преку делењето на правдата на главниот судија Игор Стојчевски. Не само што неоправдано му додели црвен картон на нашиот фудбалер Давид Атанаскоски и на претставникот на клубот Југослав Тренчовски, туку по натпреварот со пцовки ги испрати македонскиот репрезентативец Љупчо Дориев и капитенот Сашко Пандев. Раководството на Академија Пандев ќе бара прегледување на снимката пред релевантни фактори во ФФМ бидејќи смета судењето на Стојчевски беше крајно тенденциозно. Не сакаме да помислиме дека тој имал намера или инструкции за такво делење на правдата“.

Патникот во четвртфиналето од Купот на Македонија ќе се одлучува на реваншот во Струмица на 18 октомври.