ВИДЕО: Овој Челзи е недораснат за Барса, блесок на Меси и Каталонците за четвртфинале во ЛШ!

Очекувањата се остварија – Барселона го елиминира англискиот шампион Челзи, а Шпанија е единствената земја која ќе има три учесници во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Вечерва, каталонските фудбалери уште еднаш демонстрираа квалитет, моќ, сигурност и искуство и со високи 3-0 (2-0) го поразија лондонскиот клуб за ново учество меѓу најдобрите осум клуба во елитата на европскиот фудбал, а повторно најзаслужен за тоа беше првата ѕвезда Лионел Меси. Аргентинецот блескаше на „Камп Ноу“ и со два гола го најави и потврди овој триумф на Барса. Овој меч ќе биде посебен за него, бидејќи успеа да ја достигне бројката од 100 гола во ова натпреварување. 

Конте за ова гостување се одлучи за офанзивна формација со Оливие Жиру како најистурен во нападот, додека неговиот колега Валверде го изостави Паулињо и мечот го започна со младиот Осман Дембеле, кој можеби ја забележа најдобрата партија во каталонскиот дрес. 

Уште неседната публиката на своите столчиња, домашната екипа поведе со 1-0. По една лоша реакција на комплетната одбрана на Челзи, Луис Суарез асистираше до Лионел Меси, кој итро со десна го надмудри Тибо Куртоа и донесе водство за Барселона по само 120 секунди игра. 

Овој гол на Каталонците наместо да биде најава за поофанзивна игра на Челзи, англискиот шампион во 20. минута повторно подклекна и дозволи противникот да стигне до високи 2-0. По една грешка на Фабрегас, Меси разви брза контра и фудбалски во вистински момент го почека и асистира до залетаниот Осман Дембеле, кој пак со топовски удар по вторпат го совлада Куртоа. 

Во продолжението „сините“ конечно се консолидираа и заиграа поангажирано, но сепак, Жиру, Канте и Фабрегас потфрлија во завршниците, додека Алонсо во самиот финиш од првиот дел ја погоди рамката од голот на Тер Штеген. 

Второто полувреме започна со полушансата на Луис Суарез, а страстите се разгорија во 49. година, кога Пике му попречи на Алонсо да упати удар кон голот на Тер Штеген, но тоа не беше доволно за главниот судија Скомина да досуди пенал за „сините“. 

Челзи продолжи со офанзивната игра и токму Алонсо имаше уште една можност да го врати својот тим во игра, но Лионел Меси уште еднаш докажа дека е фудбалски великан и играч за големи натпревари. Аргентинецот со нова магија се ослободи од Аспиликуета и повторно меѓу нозете на Куртоа донесе огромно водство за Барса од 3-0. Овој погодок на Меси беше негов јубилеен 100. во Лигата на шампионите. 

По новиот шок Конте во игра ги внесе Запакоста и Мората, но ниту некогашните членови на клубовите од Серија А не успеаја да ја подобрат сликата на теренот, односно Барса искусно го доигра овој меч и заслужено слави 11. последователно четвртфинале во Лигата на шампионите.