Османи: Вардар се закани само еднаш, тоа е потврда на нашата доминација!

Стратегот на Шкендија, Ќатип Османи е презадоволен од изданието на неговиот тим во триумфот од 2-0 (0-0) против актуелниот првак Вардар. Новиот тренер на тетовчани тргна со победа во ПМФЛ, а по средбата изјави дека Шкендија доминирала и заслужено ги грабнала трите бода.

„Ова е многу важна победа за нас, сосема заслужена за сите. Доминиравме во текот на целиот натпревар, игравме една компактна игра која многу ме радува и го пренесовме на терен она што го игравме во Европа. Бевме организирани во секој дел од теренот, за тоа зборуваат многуте шанси кои ги имавме, но исто така и податокот дека Вардар само еднаш се закани кон нашиот гол преку Блажевски. Пред мечот со победа од два гола ќе бевме задоволни, но ако гледаме на настаните на терен, овој триумф е премал. Да создадеш толку шанси против Вардар, значи дека си ја одработивме задачата на најдобар можен начин. Најважно е што почнавме со три бода“, изјави Османи.

Тетовчани в четврток ги очекува гостување на „Сан Сиро“ кај Милан, додека во второто коло од Првата лига се соочува со гостување кај Шкупи.