Османи: Лошо е што отвораме со Вардар, но Шкендија сака победа и титула!

Пролетниот дел од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) ќе биде отворен со големото дерби меѓу Шкендија и Вардар. Големите ривали ќе се судрат под Шара, а Ќатип Османи, статегот на тетовчани размислува само на победа.

„Квалитетните подготовки и резултатите ни даваат за право да веруваме дека оваа година титулата ќе биде на Шкендија. Лошо е што отвораме со дуел против Вардар, но наше е да играме без разлика на се. Сакаме да се претставиме во што подобро издание и да победиме против ривалот“, истакна Османи.

На прес-конференцијата говореше и капитенот Ферхан Хасани.

„Не очекува напорна полусезона, но ние сме подготвени да одговорима на секој предизвик. Имаме добра атмосфера во тимот, одработивме добри подготовки и сакаме да бидеме што подобри. Тоа мора да го покажеме и на терен со Вардар. Поддршката од публиката исто така ќе биде многу важна за нас на оваа средба, па се надевам дека гледачите ќе дојдат и ќе гледаат убав фудбал“, истакна Хасани.

Шкендија го пречекува Вардар во снежна атмосфера, затоа што во Тетово непрекинато паѓа снег. Според актуелната состојба, дербито не би требало да се одложи, но од ФФМ мирно ќе ја набљудуваат ситуацијата и во наредните дваесетина часа.

Мечот на Градскиот стадион во Тетово се игра в среда од 14.00 часот, а правдата ќе ја дели Александар Ставрев.