Од утре започнува продажбата на билетите за СП во Русија, најевтината 87, а најскапата 917 евра!

Иако досега се познати само пет патници на Светското првенство кое идната година ќе се одржи во Русија, Светската фудбалска федерација (ФИФА) од утре ќе започне со продавање на билетите за овој собир.

Продажбата и резервацијата на билетите за сите натпревари во Русија ќе започне утре од 12.00 часот на официјалната интернет страница на ФИФА, а цените ќе се движат од 87 до 917 евра, во зависност од атрактивноста и фазата на натпреварите. 

Исто така, за државјаните на Русија ќе бидат обезбедени влезници кои ќе чинат од 18 до 102 евра, а од ФИФА порачаа дека билетите ќе се продаваат во две фази.

Светското првенство во Русија ќе биде прво во Европа по 2006 година, кога се одржа Мундијалот во Германија. На истото ќе се одиграат 64 натпревари на 12 стадиони во 11 града. Финалето е закажано за на 15 јули на „Лужњики“ во Москва.