Нухиу: Не сум разочаран, три меча игравме добро со тим како Вардар!

Ардиан Нухиу, стратегот на Шкупи, и покрај елиминацијата од Купот на Македонија од Вардар е задоволен од прикажаната игра на својот тим. Вели дека неговите фудбалери на терен против „црвено-црните“ покажале голема борба, но на крај за жал не успеале да слават.

„Мислам дека одигравме еден одличен натпревар, моите играчи ги извршија замислите на терен. Бевме концентрирани да го браниме тој прв позитивен резултат, во првиот дел бевме солидни, имавме и контри кои не ги реализиравме. Ми се допадна што после голот моите момци реагираа, имавме шанса преку Стојковски, но за жал не погодивме. Генерално задоволен сум од моите фудбалери, имаат квалитет, секогаш сум го кажувал тоа и стојам зад тоа. Вардар знаеме кој е во македонскиот фудбал, шампион е, играа група во Лига Европа. Но, мене ме радува што три натпревари против Вардар одигравме три добри меча“, изјави Нухиу.

За Шкупи предизвик во продолжението од сезоната ќе биде првенството, каде тимот е на шестото место со 23 бода.