Николов: Жално ќе биде да не ја грабнеме шансата и да го минеме Малме!

Македонскиот фудбалски првак Вардар ги одбројува часовите до реванш-натпреварот од квалификациите за Лигата на шампионите против Малме, а Бобан Николов, еден од најдобрите фудбалери на „црвено-црните“ посакува нов добар меч и пласман на најтрофејниот наш клуб во наредната фаза од ЛШ.

Вардар на домашен терен ќе има активен резултат, затоа што првиот меч во Шведска заврши без победник (1-1), а стрелец на златниот гол на гостински терен беше токму Николов. Репрезентативецот на Македонија вели дека сите очи мора да бидат вперени кон шведскиот тим, кој ако Вардар го мине - ќе игра против Копенхаген во наредната фаза. 

„Играчите и стручниот штаб сме максимално посветени за Малме, а јавноста веќе почна размислува за Копенхаген. Мое мислење е дека се уште е прерано да се мисли на наредното коло, затоа што има уште едно полувреме да се игра. Добро е што дадовме таму гол, шансите се поголеми да одиме понатаму, но не треба да летаме во облаци како се да е готово. Посакуваме добар реванш во Струмица, дај Боже да биде се како што треба. По позитивниот резултат во Шведска, жално ќе биде да не го поминеме Малме“, вели Николов за Gol.mk.

Фудбалерот настапуваше на крилната позиција и имаше повеќе простор за игра. Вели дека новата позиција му годи, но потенцира дека за него е добро да игра на што повеќе позиции и да се усовршува како фудбалер.

„Сум играл повеќе пати на таа крилна позиција. Сакам да се усовршувам, ќе играм каде што ќе ме стави тренерот по потреба на екипата. Играв и во првенството повеќе како крило, не ми претставува проблем. Тоа е подобро за мене да играм на повеќе позиции. Важно беше што одиграв како што треба. Многу сум среќен што го дадов голот“, заврши репрезентативецот.

Реванш-натпреварот од 2. квалификациско коло за ЛШ меѓу Вардар и Малме ќе се игра во вторник од 18.00 часот на стадионот „Младост“ во Струмица. Билети има се уште во продажба и истите чинат 500 денари.