Никола Ѓорѓев го продолжи договорот со Грасхоперс до 2020 година

Македонскиот репрезентативец Никола Ѓорѓев потпиша нов договор со швајцарскиот Грасхоперс, кој ќе биде со важност до јуни 2020 година. Претходниот негов договор истекуваше во јуни наредната година. Крилниот играч дебито во првиот тим на Грасхоперс го имаше во јануари 2015 година.

Директорот на клубот, Мануел Хубер по обезбедениот потпис на нашиот играч изрази задоволство:

„Задоволни сме поради продолжувањето на договорот со Ѓорѓев. Со неговиот потпис тимот си обезбеди многу талентиран играч за во иднина“.

Сезонава има настапено на 19 натпревари и притоа има запишано три гола и три асистенции. 19-годишниот Ѓорѓев има и четири настапи во дресот на сениорската репрезентација, а беше дел од младата репрезентација на последниот квалификациски натпревар против Шкотска за пласман на Европското првенство во Полска. Сигурно дека и за таму ќе биде во плановите на селекторот Благоја Милевски.