Несторовски, Трајковски и Пандев го дознаа костурот и ривалите во Купот на Италија

Денес во просториите на италијанската фудбалска федерација беа извлечени двојките за Купот на Италија (ТИМ Куп) за сезоната 2017/18. И оваа сезона натпреварувањето ќе се игра по истиот елиминационен систем, се до полуфиналните мечеви кои ќе се играат во двомеч.

Палермо на Илија Несторовски и Александар Трајковски ќе се вклучат во второто коло, а ривал ќе им биде победникот од дуелот на нисколигашите Франчавела и Имолезе. Ако успеат да го елиминираат првиот ривал, Сицилијанците ќе се соочат со Каљари во третото коло.

Џенова на Горан Пандев ќе се вклучи во натпреварувањето во шеснаесеттина финалето, а противникот ќе произлезе од дуелот меѓу Чезена - Самбенетезе/Лукезе.

Во горниот дел од костурот се наоѓаат Јувентус, Рома и Наполи, а во долниот се двата милански клуба и Фиорентина. Финалето на Купот оваа сезона се игра во Рим на 9 мај 2018 година, а трофејот го брани Јувентус.