ВИДЕО: Несторовски не може сам - Палермо загуби и покрај голот на Македонецот

Фудбалерите на Палермо, во рамките на 25. коло на Серија Б, на домашен терен се поразени од Фоџа со резултат 1-2 (0-0), иако по голот на Несторовски во 65. минута поведоа со 1-0. За разлика од прилепчанецот, кој го одигра целиот меч, Александар Трајковски денешниот дуел го мина на клупата за резервни фудбалери.

Сицилијанците во првиот дел имаа повеќе од играта, создадоа неколку полушанси, во кои учествуваше и Несторовски, но на полувреме се замина со почетните 0-0.

Во 64. минута домаќините добија пенал по прекршокот врз Несторовски, а сигурен реализатор на истиот беше нашиот репрезентативец (1-0). Само четири минути подоцна, Палермо остана со играч помалку по исклучувањето на Коронадо, а гостите тоа го искористија во 78. минута и по голот на Духамел израмнија на 1-1.

Бројчената предност гостите до крајот умешно ја искористија и по голот на Крагл во 84. минута однесоа победа од 1-2. Во самиот финиш Несторовски имаше шанса повторно да го спаси својот тим, но неговиот удар заврши само во пречката.

Во наредното коло Палермо игра на гостински терен против Перуџа, а тој натпревар ќе биде нова шанса за погодок за нашиот Илија Несторовски, кој конечно на денешниот натпревар го скрши голгетерскиот пост, кој траеше од 25 ноември минатата година.