Мурињо незадоволен: Игравме „плејстејшн фудбал“, тоа е потценувачки за противникот!

По пауза од една сезона англискиот гигант, Манчестер Јунајтед, повторно заигра еден меч во Лигата на шампионите. Синоќа, „црвените ѓаволи“ извојуваа убедлива домашна победа од 3-0 над швајцарски Базел, но менаџерот на тимот, Жозе Мурињо, не делуваше задоволно на прес-конеференцијата по мечот. 

„Специјалниот“ истакна дека, иако неговиот тим славеше убедливо, тој не е задоволен од играта на своите избраници, особено во второто полувреме. 

„До 2-0 одигравме на ниво, со самодоверба. Но, по 2-0 некако сè се промени. Наеднаш престанавме да играме сериозно и да ја контролираме играта, па моравме да се ставиме во неколку незгодни позиции. Игравме фантази фудбал, плејстејшн фудбал. Искрено мене не ми се допаѓа кога ќе играме со финти и трикови, тоа е коцкање и со тоа го потценувате противникот. Во тие моменти премногу грешевме, му дозволивме на противникот да создаде неколку шанси, но за среќа ние постигнавме трет гол“, вели Португалецот. 

Мурињо оваа сезона сè уште ја нема вкусено горчината на поразот со Јунајтед, откако и во Премиер лигата бележи само успеси (три победи и едно реми). Во следното коло „ѓаволите“ ќе гостуваат во Русија кај вицешампионот ЦСКА Москва.