Мишковиќ: Можев да го казнам Ристовски, но го разбирам - замина за повисока плата!

Синоќа нашиот репрезентативец, Стефан Ристовски, го запиша својот прв настап во Лигата на шампионите.

Десниот бек влезе во игра во 88. минута од мечот меѓу неговиот нов тим, Спортинг Лисабон и Олимпијакос, и стана 14. Македонец кој може да се пофали со учество во ова елитно натпреварување. Стефан ова лето ги засили редовите на португалскиот гигант, откако одлучи да ја напушти Ријека, а вистинската причина за оваа одлука на нашиот бек за тамошните медиуми ја открива првиот човек на хрватскиот шампион, Дамир Мишковиќ.

„Знаевме дека договорот на Ристовски е пред самиот крај. Можевме да му кажеме – ако не потпишеш нов, нема да играш, но Стефан беше еден од најзаслужните за големиот успех на овој клуб и јас одлучив да не ја активирам таа казна. Да бидам искрен не можев да го задржам, тој имаше можност да го продолжи договорот со нас, но од Спортинг доби 5-6 пати повисока плата, го разбирам неговиот потег“, изјави првиот човек на Ријека. 

Ристовски шампионот на Хрватска го напушти во најважниот момент, точно пред двомечот со Олимпијакос во рамки од плеј-офот на Лигата на шампионите, кој Ријека го загуби.