Милевски: Се вративме четири години назад, од март ќе имаме нов изглед!

Благоја Милевски, селекторот на У21-репрезентацијата на Македонија, по поразот од Австрија (0-4) најави дека од новата година оваа репрезентација ќе има нов лик и ќе претрпи големи промени во играчкиот ростер.

Предводникот на младинскиот состав пред мечот кажа дека овој дуел ќе биде „опомена“ за дел од репрезентативците, а по средбата не беше задоволен од изданието на некои од играчите, но не потенцираше за кого се работи.

„После 0-4 било што да се каже е безпотребно. Честитки до Австрија за победата. Беше покоректен и подобар противник, иако од четирите примени гола, три се по наша сопствена грешка и деконцентрација. Имавме и ние свои шанси, не успеавме да постигнеме голови. Одиме понатаму, како и што најавив по натпреварот со Гибралтар, тоа беше опомена за некои репрезентативци. Од следниот натпревар во март, У21-репрезентацијата ќе има нов изглед и ќе почнеме да се спремаме за следниот циклус. За жал, доаѓаме во ситуација во која бевме пред три до четири години, пред да почнам да работам со овој тим, односно да спремаме тим за наредниот циклус во половина од квалификациите. Одговорноста е моја, Но, како што изгледа, повеќето од нив не може да се носат со предизвикот наредечен У21, поставен во претходниот циклус“, изјави Милевски.

Нареден предизвик во март за Македонија ќе биде дуел со второпласираната селекција Русија, прв меѓусебен во овие квалификации за ЕП 2019 во Италија.