ВИДЕО: Милевски го доживеа најтешкиот пораз, Австрија ја збриша Македонија

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година останува на дното на табелата во групата 7 и по четвртиот квалификациски натпревар, затоа што како домаќин на „Филип Втори“ Арената со 0-4 (0-3) загуби од селекцијата на Австрија.

Милевски го доживеа најтешкиот пораз како селектор, ако се земе предвид играта на фудбалерите кои не успеаја да го обелат образот по поразот од Гибралтар и фактот дека Австријците комплетно не надиграа.

Можеби највисок резултатски пораз е неуспехот против Шпанија на ЕП во Гдиња (0-5), но таму барем имавме игра и создававме шанси, за разлика од денешната средба, каде наследниците на претходната генерација беа анемични и единствено се закануваа од прекин. И по четири кола, Македонија останува само на една победа, онаа во првото коло, против Ерменија во Ереван.

Натпреварот меѓу двете селекции тргна мирно, а првата шанса ја имаше Чешмеџиев, кој во 9. минута од слободен удар биеше силно, но голманот Гартер добро интервенираше. Само неколку минути подоцна падна првиот гол, а стрелец беше Јакуповиќ, кој си создаде простор и биеше силно од дваесетина минути, за 0-1.Во наредниот период продолжи доминацијата на Австрија, а вториот гол падна во 26. минута. Погоди Вобер, кој биеше откосо и успеа по вторпат да го совлада Јанков.

Третиот гол пристигна во 36. минута, по една лоша реакција на Елмас и Амановиќ, а го постигна Рајнер, додека пред полувремето Македонија ја имаше втората сериозна шанса преку Елмас, но неговиот удар вешто во корнер го испрати Гартнер.

На самиот старт на вториот дел Австрија имаше шанса да постигне четврти гол, но Амановиќ расчисти од самата гол-линија, но и тоа не помогна, затоа што гостите по четврти пат успеаја да стресат нашата мрежа во 54. минута, кога погоди Јакуповиќ, по вторпат на мечот.

Македонија имаше шанса да го намали поразот во 85. минута кога судијата покажа на белата точка по еден прекршок на Баумгартнер во казнениот простор над Бобан Георгиев, но не успеа да реализира Бесир Исени. Вреди да се напомене дека Македонија го заврши натпреварот и со играч помалку, затоа што исклучен од страна на судијата Жоао Пинеиро беше Тихомир Костадинов.

Наредниот квалификациски меч Македонија до 21 година го игра во март, кога во Скопје доаѓа Русија. Нашиот национален тим има три порази во низа, а покрај од Австрија, загуби и од Гибралтар (гости) и Србија (дома). Лидер во групата е Србија со максимален учинок и пет победи по пет кола, а втор е токму нашиот нареден противник Русија, со 10 освоени бода.