Меси ќе пристигне на „Ванда Метрополитано“ по 180 одиграни минути и 30.050 км. патување

Лионел Меси Барселона

Најдобриот фудбалер на Барселона, Лионел Меси би можел да биде хендикепиран за првиот посериозен тест за екипата во новата сезона од Примера. Каталонците моментално се непогрешливи и имаат седум победи од исто толку натпревари за прво место на табелата.

Овој викенд, Ернесто Валверде и неговите фудбалери ќе гостуваат кај Атлетико Мадрид, кој веќе неколку години е голем проблем за главните конкуренти за титулата. Новиот стадион „Ванда Метроплитано“ ќе го пречека Меси, кој одигра два натпревари со Аргентина, која со судни маки обезбеди пласман на Светското првенство (СП) во Русија.

Исто така, Аргентинецот мораше да патува неколку пати, па се очекува тоа да влијае на неговата игра оваа сабота. 

Екипата на Диего Симеоне му е една од омилените во домашното првенство против која има постигнато 27 гола и подели четири асистенции на 34 натпревари. Овој податок сигурно ќе ги израдува каталонските фанови, кои минуваат низ бурни времиња поради референдумот за независност.

„Јорганџиите“ не знаат за пораз по првите седум кола на кои запишаа четири победи и три нерешени резултати. Оваа сабота се надеваат дека нивната позитивна серија ќе продолжи, која би му помогнала на лутиот градски ривал, Реал Мадрид кој чека да ја искористи секоја шанса да ја намали предноста на Барса.