Марко ван Бастен ќе ја предводи делегацијата на ФИФА во Скопје

Марко ван Бастен

Легендарниот холандски фудбалер, Марко ван Бастен ќе биде предводник на делегацијата на Светската Фудбалска федерација (ФИФА), која ќе пристигне во Македонија по повод отворањето на сместувачкиот капацитет во комлексот „Куќа на фудбалот“.

Покрај него, в четврток во Скопје ќе пристигнат уште и претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, директорот на одделот за национални асоцијации при УЕФА, Зоран Лаковиќ и Бјорн Васало, директор на национални селекции при ФИФА.

Новиот објект во склоп на комплексот „Куќа на фудбалот“ содржи сместувачки капацитет за учениците од ФФМ/УЕФА Елитната академија, како и за младите национални тимови. Целосно се опремени за живеење 30 двокреветни соби, апартмани за селекторите и стручните тимови, како и заеднички простории - сала за состаноци, училници и заедничка кујна и трпезарија.

Сместувачкиот капацитет е наменет за престој на учениците од фудбалската академија во текот на училишната година, а по потреба ќе се користи и за младинските национални тимови во пресрет на натпреварите.