ВИДЕО: Македонија У19 „везеше“ и против Лихтенштајн и со убедлив триумф заминува за елитните квалификации

Македонскиот фудбал дефинитивно доби свои нови херои, кои уште еднаш ни докажаа дека оваа земја има светла фудбалска иднина. Иако без првата ѕвезда, Ељиф Елмас (кој беше отстапен во составот на Милевски), македонската фудбалска селекција до 19 години повторно одигра фантастичен меч и со убедливи 6-0 (3-0) ја совлада репрезентацијата на Лихтенштајн во последниот натпревар од првата фаза на квалификациите за ЕП. 

Оваа победа беше само потврда на веќе обезбеденото место во елитните квалификации (за оваа категорија прво во историјата), откако во претходните две нашите супер-таленти преку пресврти ги совладаа Швајцарија и Белгија со по 2-1. 

И на денешниот дуел пулените на селекторот, Вујадин Станојковиќ, покажаа како се игра за репрезентативниот дрес, иако пред себе имаа далеку понеквалитетна репрезентација. Нивниот пристап на терен беше на завидно ниво и уште од самиот старт најавија висока победа. 

По само три минути игра резултатот го отвори фудбалерот на Келн, Дарко Чурлинов, кој реализираше по одлична тимска акција. На 2-0 зголеми Колевски, за потоа на сцена да стапи Димитар Митровски, кој со три гола во низа го торпедира противничкиот гол. Шлаг на тортата стави нововлезениот Миовски со ефектен гол што наликува на „ножички“ за конечни 6-0 и нова радост за македонските фудбалски фанови. 

Ждрепката за елитните квалификации ќе се одржи на 6 декември во Нион, а од нашата група учество на овие квалификации за следното Европско првенство кое ќе се одржи во Финска обезбеди и Белгија, која денес со 5-3 ја совлада Швајцарија.