Македонија ЃП ја изненади непоразената Струга Трим Љум, Брегалница убедлива против Плачковица

Денес се одиграа поголеме дел од натпреварите од 7. коло во втората по ранг македонска фудбалска лига.

ВМФЛ Запад:

Екипата на Македонија Ѓорче Петров ја прекина серијата од шест меча без победа и конечно се радуваше на првиот сезонски триумф. „Лавовите“ на домашен терен го совладаа тимот на Струга Трим Љум (3-0) за кого ова беше прв пораз во новата сезона.

Домашните фудбалери се изборија за пенал по половина час игра, кој го реализираше Боби Божиновски за почетно водство. Организираната игра во одбрана им донесе на домаќините одржување на резултатот до 75. минута, кога Иван Настевски го дуплираше домашното водство. Конечниот резултат во последните моменти од натпреварот ги постави Михајло Јакимовски.

Лабуништа направи скок од неколку места по високата победа пред својата публика над Еуромилк Горно Лисиче (3-0). Клечкаровски го отвори резултатот, а Симјановски се погрижи да донесе висока предност за домашниот тим пред полувремето. Во 57. минута, Клечкаровски ја потврди победата со гол од пенал.

Се чинеше дека Тетекс и Локомотива ќе ги поделат бодовите, но Марио Станковски од пенал во 94. минута донесе голема победа за домашните фудбалери (2-1). Гостите беа хендикепирани и го завршија мечот со двајца фудбалери помалку поради црвените картони на Миленов и Јанков. Гостивар извојува победа на теренот на Зајази со 1-3, а Велазерими и Новаци играат утре попладне.

ВМФЛ Исток:

Брегалница од Штип го доби дербито на врвот на табелата против Плачковица (4-1). По досадното прво полувреме без голови, следуваше серија на добри потези и три гола во вториот дел.

Најпрво, Мирчевски донесе предност за гостите, која траеше само една минута, бидејќи Брегалница се врати во игра со голот на Мишев. Иван Варадиновски ја олесни работата на домаќините и заработи исклучување во 65. минута.

Тоа го искористија Василев, Ефремов и Здравков, кои со три гола ги поставија конечните 4-1 и донесоа нови три бода за екипата од Штип.

Неатрактивен меч без победник и голови одиграа екипите на Борец и Беласица (0-0). Кожув и Тиквеш ремизираа, 1-1, а во Валандово, домашната Победа го совлада Осогово со 3-0.