ЛШ ОСМИНАФИНАЛЕ: Шахтјор и Рома ветуваат голови на првиот меч во Украина

Шахтјор Рома

Вториот осминафинален дуел вечерва се игра во Украина, каде Шахтјор ќе ја пречека Рома. Калчолигашот ќе се надева дека ќе ја изненади домашната екипа, која полека влегува во натпеварувачка форма, по двомесечната зимска пауза.

ШАХТЈОР - РОМА

Актуелниот украински шампион ќе има потешкотии да се справи со екипата на Рома, која пристигнува на гостувањето со три последователни победи во Серија А. Сепак, и покрај долгата пауза без натпревар, тимот на Пауло Фонсека покажа одлична голгетерска форма и постигна пет гола во високата победа над Черноморец Одеса во првиот дуел во новата година. Шахтјор победи на сите домашните натпревари во групната фаза и покрај тоа што игра 200км. надвор од својот стадион во Доњецк, поради конфликтот во источна Украина. Со исклучок на Дарио Срна, долгогодишниот капитен, кој е суспендиран поради допинг, украинскиот прволигаш ќе настапи во најсилен состав.

Един Џеко ќе биде најголемата опасност по голот на Украинците, кои ќе се надеваат на тивка вечер на босанскиот голгетер. Фудбалерите на Еузебио ди Франческо играат солидна сезона, која би требало да им обезбеди пласман во првата четворка во италијанското првенство. Сепак, традицијата во европските настапи, поточно во Лигата на шампионите, не им оди во прилог, бидејќи цели десет години немаат обезбедено пласман во четвртфиналната фаза. Исто така, „римската волчица“ загуби на последните седум од осум одиграни натпревари во нокаут фазата. Гоналон, Карсдроп и Пелегрини сигурно нема да настапат на вечерашниот меч, а под знак прашалник е Флоренци, кој се бори со ситна повреда во последните неколку дена.

Ниту еден од последните 13 меча на Шахтјор во Лигата на шампионите не завршиле нерешено, па тоа е одлична најава за уште еден ефикасен и неизвесен натпревар. Рома не сочувала празна мрежа на последните 24 меча во Лигата на шампионите, што е уште една потврда дека треба да се очекуваат многу голови на првиот меч во Украина.

Очекуван резултат: Шахтјор - Рома 2-2