Лопетеги: Македонија како домаќин е секогаш незгодна репрезентација

Хулен Лопетеги

Селекторот на шпанската репрезентација, Хулен Лопетеги го најави составот со кој ќе гостува во Скопје во рамки од квалификациите за СП во Русија 2018 година.

Шпанците го сфатија гостувањето во Македонија доста сериозно и затоа во јуни ќе дојдат со најсилниот тим. Лопетеги го најави мечот со нашата репрезентација како клучен за пласманот на СП и тежок поради домашната атмосфера на „Телеком арена“.

„Победата и трите бода против Македонија се клучот за нашиот пласман на СП во Русија. Македонската репрезентација е секогаш незгоден противник, особено кога настапува пред својата публика. Пред една година имавме потешкотии, а сликата која ја прикажаа против Италија беше многу добра. Имаме играчи кои доаѓаат 21 ден по завршувањето на сезоната, но тие се датумите и мораме да се адаптираме. Мора да најдеме решение за на крај да ја оствариме целта од ова тешко гостување“ , вели селекторот на „црвената фурија“.

Шпанија е на врвот на нашата група заедно со Италија и уште не ја почувствувала горчината на поразот. На првиот меч Шпанците лесно се справија со фудбалерите на Игор Ангеловски и славеја со 4-0 со головите на Витоло, Монреал, Адуриз и автоголот на Велковски.

Реваншот во Скопје е закажан за 11 јуни со почеток од 20.45 часот.