Легендата Роналдињо му се враќа на фудбалот, пронајде нов клуб?

Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Роналдињо, во наредните неколку денови би можел да стане нов фудбалер на уругвајски Национал. Преговорите траат веќе 20 дена, а сето ова го потврди и првиот човек на клубот, Жозе Луис Родригез. 

„Знаеме дека е тешко да стигнеме до неговиот потпис, но ние сме упорни и веќе 20 дена течат преговорите. Иако во последните 15 месеци играше само пријателски натпревари, Роналдињо е голем мајстор на оваа игра, и доколку ни стигне договорената помош од спонзорите се надевам дека за брзо ќе биде наш фудбалер“, изјави Родригез. 

Легендата на фудбалската игра зад себе има богата кариера. Покрај многу бразилски екипи за кои настапувал, во Европа блескаше во дресовите на ПСЖ, Барселона и Милан, а во моментите кога го носеше дресот на каталонскиот клуб двапати беше прогласен за најдобар играч на планетата.