Јакимовски пристигнува кај Алиоски во Лугано!

Швајцарскиот прволигаш Лугано, во чии редови настапува македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски, би можело да добие нов наш интернационалец во своите редови. Како што пренесуваат италијанските медиуми, претседателот на Лугано, Анџело Ренцети има три големи желби за засилување зимава, а една од нив е Никола Јакимовски.

Нашиот интернационалец веќе неколку години настапува во италијанската Серија Б, сезонава за Беневенто, каде што за волја на вистината, есенва не се изнаигра. Според пишувањата, покрај Јакимовски, Ренцети на новиот тренер Паоло Трамецани ќе се обиде да му ги обезбеди и услугите на Енрико Балдин и Рикардо Пичители.

Јакимовски, покрај за Беневенто во Италија има настапувано и за Бари, Комо и Варезе, а на интернационална сцена има играно и во Нагоја (Јапонија), Јагодина и Јавор (Србија) и Ференцфарош (Унгарија). На домашна сцена овој корпулентен напаѓач ги бранеше боите на Македонија ЃП и Тетекс.