ВИДЕО: Јаховиќ и Гезтепе го сопреа Фенер, Шкртел го спаси фаворитот од пораз

Противникот на Вардар во плеј-офот за пласман во групната фаза на Лига Европа, турски Фенербахче одигра 2-2 (1-1) во натпреварот против Гезтепе во првото коло од новиот турски шампионат. Македонскиот интернационалец Адис Јаховиќ одигра 90 минути и беше еден од најпозитивните на теренот. 

Гостите поведоа со голот на Потук уште во 5. минута, но Андре Кастро на додавање на Јаховиќ само три минути подоцна израмни на 1-1. Комплетен пресврт за „жолти-црвените“ донесе Аргентинецот Езекиел Скарионе во 57. минута (2-1). 

Фенер од пораз го спаси дефанзивецот Мартиш Шкртел во 64. минута. Турскиот гигант в четврток гостува во Скопје во првиот натпревар против Вардар во плеј-офот за Лига Европа. Реваншот е на 24 август во Истанбул.