ВИДЕО: Игуаин по брза постапка ја среди Болоња на „Јувентус стадиум“

Јувентус го заврши есенскиот дел од шампионатот на Италија со 4 бода предност пред Рома и натпревар помалку (на гости кај Кротоне), откако на „Јувентус стадиум“ полесно од предвиденото ја совлада Болоња со 3-0 (1-0).  

Шампионот почна многу агресивно и во центарот на вниманието беше Миралем Пјаниќ, кој доби слобода во организацијата на играта и токму по една убава негова топа, Гонзало Игуаин со волеј од свтрување во 7. минута ја погоди мрежата на Миранте и го доведе Јуве во водство.

Следеше период во кој благодарение на Џемаили, Болоња на Донадони играше рамноправно, но во финишот на првиот дел по невниманието на Торисидис и неговиот старт врз Стураро, главниот судија покажа на белата точка. Пауло Дибала по промашувањето во Суперкупот на Италија, ја презеде одговорноста и погоди за 2-0 на полувреме. 

Потврда на победата стигна во 55. минута кога по убавата акција на Кедира и Лихштајнер, по центрашутот на Швајцарецот, „Пипита“ Игуаин со глава ја „закова“ топката во небранетата мрежа за 3-0. Последниот половина час Алегри рутински го спушти ритамот и со замените го приведе мечот кон крај за продолжување на максималниот учинок на Јуве пред своите гледачи оваа сезона.