Ибрахимовиќ: Јас сум фудбалскиот Индијана Џонс

Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Златан Ибрахимовиќ направи интересна споредба со Индијана Џонс, поради сите успеси кои ги има остварено низ неговата кариера. Популарниот Ибракадабра во синоќешниот триумф на Манчестер Јунајтед против Сент-Етјен беше еден од најзаслужните, бидејќи беше автор на сите три гола.

„Давам сè од мене. Каде и да сум бил тоа сум го правел. Освојував титули и победував. Јас сум фудбалски Индијана Џонс“, изјави 35-годишниот Ибрахимовиќ.

За Швеѓанецот хет-трикот против Сент-Етјен е негов прв по доаѓањето во тимот од „Олд Трафорд“, a вкупно 17. во неговата кариера.

„Добро е чувството кога ќе постигнеш три гола. Најважен беше резултатот. Бевме добри, но сигурен сум дека можеме и подобро. Не примивме гол и ова е одличен резултат за нас“, заврши Ибрахимовиќ.

Следен предизвик за Златан Ибрахимовиќ ќе биде натпреварот од ФА купот на гостински терен против Блекбурн в недела.