„Хуријет“: Ељиф Елмас потпиша за турскиот гигант Фенербахче!

Според тиражниот турски весник „Хуријет“ македонсиот талент Ељиф Елмас потпиша договор со турскиот Фенербахче. 17-годишниот Елмас заедно со неговото семејство ги договори сите детали со вториот најтрофеен турски тим на сите времиња и младинскиот репрезентативец на Македонија ќе игра за „жолто-црните“ од азискиот дел на Истанбул.

За младиот ас кој стекна голема афирмација во Работнички во ред застанаа неколку големи клубови во Европа како Манчестер Сити, Бриж и Борусија Дортмунд, но Елмас потпиша за Фенер. Не се познати детали околу сумата и времетрањето на договорот, но според „Хуријет“ Елмас во иднина ќе ја дели соблекувалната со големиот Робин ван Перси. Македонскиот талент се пофали со официјализацијата на својот Твитер профил.

 

Елмас ќе биде вториот Македонец кој ќе игра за спортското друштво Фенербахче, по Перо Антиќ кој настапува за европскиот првак во кошарка. Работнички нема да добие обештетување за Елмас кој си замина како слободен фудбалер, но ќе доби добра сума која се базира на трансфер компензација.

Македонските фудбалери секогаш добро минувале во Турција, каде големи траги остави Петар Милошевски во Трабзонспор, Горан Ставревски во Дијарбакир, а пред неколку сезони една сезона во Галатасарај играше и Горан Пандев.