Хасани: Ја стартувавме сезоната според планот, со победа над Вардар!

Шкендија како домаќин со 2-0 (0-0) го совлада Вардар во рамки на првото коло од Првата лига, а капитенот Ферхан Хасани е задоволен од прикажаната игра на тимот и големата победа над ривалот за титула.

Репрезентативецот вели дека Шкендија започнала доста добро, одиграла според планот и воедно - успеала да го остави дуелот со Милан на страна, а да се концентрира во целост на мечот со Вардар.

„Почнавме многу добро. Ги оставивме дуелите со Милан на страна, па комплетно бевме концентрирани на Вардар. Ја стартувавме сезоната како што сакавме, со победа над Вардар. Фативме ритам, го држевме цел меч и дојдовме до посакувани три бода. Успеавме да ги оставиме емоциите на страна како што посакав претходно и победивме“, изјави Хасани.

Тетовчани в четврток ги очекува гостување на „Сан Сиро“ кај Милан, додека во второто коло од Првата лига се соочува со гостување кај Шкупи.