Гуцев: Респект за стумичани, но таму ќе патуваме со позитивен резултат, без примен гол

Денес стартуваат осминафиналните натпревари од Купот на Македонија, а покрај дербито меѓу Шкендија и Работнички, најитересен меч ќе биде оној во Кратово, каде Силекс ќе го пречека новиот прволигаш Академија Пандев. 

Воочи овој меч фудбалерот на кратовчани, Благој Гуцев вели дека за противник добија силен колектив, но верува дека во реваншот во Струмица ќе отпатуваат со позитивен резултат, без примен гол. 

„Респект за струмичани, имаат тим составен од играчи кои ветуваат многу. Знаејќи го начинот како функционираат, заслужуваат целосна почит. Ние сме желни за игра, и едвај чекаме да се вратиме на победите. Овој двомеч ќе се решава на реваншот во Струмица и се надевам дека таму ќе патуваме со позитивен резултат, без примен гол“ вели Гуцев.

Мечот во Кратово како и останатите шест меча ќе започнат од 15.30 часот. Натпреварот меѓу Вардар и Шкупи е одложен поради настапите на шампионот во Лига Европа.