ВИДЕО: Голманот Лопес го одведе Лион во полуфиналето по пенал-драмата во Турција

Лион е последниот патник во полуфиналето на Лига Европа, откако по голема драма во Истанбул по изведувањето на пенали го победи Бешикташ со 6-7. Мечот по 120 минути заврши со победа на домаќините од 2-1, исто како во Лион пред една недела. Заради случувањата на првиот натпревар во Франција, мечот Бешикташ – Лион на „Водафон арената“ беше меч од висок ризик и го обезбедуваа илјадници полицајци.

Турците почнаа многу агресивно и таквата игра по неполн половина час им донесе предност. Бразилецот Талиска, кој дојде минатото лето од Бенфика, со ударот од работ на казнениот простор го изненади Лопес и ги доведе домаќините во водство.

Не минаа ни десет минути, а во 34. минута Лаказет на ефектен начин израмни на 1-1. Истиот фудбалер во 41. минута можеше целосно да ги потопи надежите на турската публика, но ја погоди стативата од голот на Фабрицио Фабри. 

Второто полувреме започна исто како првото. Се играше 58. минута кога Бразилците во тимот на Бешикташ фантастично проиграа. Адриано центрираше од левата страна, а Талиска со глава го надскока Џереми Морел и ја закова топката во гостинската мрежа (2-1). Французите целосно ја презедоа иницијативата и по секоја цена бараа гол за полуфинале. Толисо и Лаказет се заканија, но двапати биеја крај голот. Сепак, резултатот не се менуваше до истекот на 90 минути.

И покрај претпазливата игра во продолжението Валбуена ја имаше најзрелата шанса, но премногу чекаше во 98. минута и Турците го затворија. Но, во 102. минута по грубата грешка на Морел, Португалецот Кварезма му подготви шанса на Талиска, а овој од само неколку метри биеше крај дирекот на Антонио Лопес. На самиот почеток на второто продолжение Озут имаше нова можност, но Лопес со парада ги спаси Французите. Во 114. минута со чудесна парада Фабри го спаси Бешикташ по ударот од непосредна близина на Толисо. 

Одлуката падна по изведување на пенали, а таму сите десет изведувачи беа презицни, па се мина на наизменични казнени удари. Во седмата серија Лопес го прочита Србинот Душко Тошиќ, но за Лион Жале го префрли голот и испушти меч-топка за Французите. Во осмата серија Митровиќ беше прочитан од Лопес, а Гоналон со гол им донесе полуфинале на Французите.