Фелипе: Секогаш одиме на победа, така ќе биде и в сабота против Шкендија!

Овој викенд шампионот Вардар ќе го одигра второто големо дерби против Шкендија, овој пат како домаќин на арената „Филип Втори“, во рамки од 10. коло на ПМФЛ. Токму со ова коло започнува втората фаза од македонскиот фудбалски шампионат, а Хуан Фелипе Алвес Рибеиро за официјалната интернет страница на Вардар ги искажа очекувањата од големото дерби со Шкендија. 

„Играме против првопласираниот тим на табелата. Шкендија има многу добар и силен тим, но ние сакаме да победиме и со три бода да им се доближиме на првата позиција. Исто така, и Вардар е силна екипа и верувам дека ќе оствариме победа и на некој начин ќе им вратиме за поразот во првото коло. Играме на домашен терен, ја поканувам публиката  да дојде во поголем број и да биде 12 играч на ова дерби за да дојдеме до трите бода“, изјави Фелипе. 

Фелипе се надева дека серијата на победи во првенството ќе продолжи и на ова дерби. 

„Не само против Шкендија, туку против секој тим секогаш одиме на победа. Секој натпревар во овој шампионат е важен за повторно да ја освоиме титулата. Нашата цел е да бидеме на првото место на крајот од сезоната и затоа на овој натпревар, како и на сите, одиме на три бода“, рече Бразилецот во дресот на „црвено-црните“. 

Мечот меѓу Вардар и Шкендија ќе се одигра в сабота, со почеток од 14.30 часот. На првиот меѓусебен дуел во Тетово, вицешампионот славеше убедлива победа од 2-0.