Елмас е во плановите на Кочаман, трансферот на Фелаини не треба да го загрижува

Веќе подолг период се шпекулира дека играчот за врска на Манчестер Јунајтед, Маруан Фелаини, е пред трансфер во редовите на Фенербахче. Турските и британските медиуми пренесуваат дека корпулентниот Белгиец уште во јануари ќе го засили тимот од Истанбул – период кога право на настап за овој тим ќе има и нашата најголема фудбалска надеж, Ељиф Елмас. 

Сепак, судејќи по зборовите на тренерот Ајкут Кочаман, можниот премин на Фелаини во Фенербахче не треба да го загрижува нашиот репрезентативец. Како што вели искусниот стратег, од јануари сериозно ќе смета на услугите на младиот Елмас и тој ќе ја добие соодветната можност да се докаже. Што се однесува до заинтересираноста за Фелаини, тој наведе дека тимот мора да ја зајакне офанзивата со искусен и квалитетен играч, кој со своето знаење може да го промени начинот на игра на екипата.

Елмас во редовите на Фенербахче премина ова лето, но, бидејќи беше малолетен, не доби дозвола од ФИФА да потпише професионален договор со турскиот гигант.