Џенова едвај ја елиминира Чезена, Пандев одигра скоро цел меч

Клубот на македонскиот интернационалец Горан Пандев, Џенова обезбеди место во третото коло на Купот на Италија, откако потешко од предвиденото славеше против Чезена по продолженија со 2-1 (1-1) (0-1).

Гостите поведоа преку Карим Лариби во 36. минута од пенал по прекршокот врз Глиоци. Џовани Симеоне израмни во 51. минута, а Уругваецот Диего Лаксалт со гол во 95. минута донесе победа за Џенова.

Горан Пандев играше до 77. минута од натпреварот пред да биде заменет. Во следното коло Џенова ќе игра против Кротоне како домаќин и тоа во еден натпревар. Останатите „македонски“ екипи во Серија А, Беневенто и Палермо вчера беа елиминирани од Перуџа и Каљари.