Голманот на Победа Давор Талески потпиша за финска Хонка

Доскорешниот капитен и прв чувар на мрежата на Победа, Давор Талески кариерата ја продолжува во Финска. Откако од непознати причини не успеа неговиот трансфер во Лахти, веднаш го контактирале челниците на повратникот во Првата финска лига, Хонка. Договорот е постигнат и потпишан на една година, со можност за продолжување на истиот на уште една сезона.

Иако беше најдобар играч на пријателскиот меч Лахти - Хонка сепак клубот кој го донесе на проба го загуби, а го доби Хонка, каде веќе е на располагање на тренерот на голманите Шпанецот, Ајозе Монтадо и шефот на стручниот штаб Веса Васара.

Интересно е дека во финскиот шампионат нема лимит и квота на странци, па Талески ќе биде деветти странец во клубот во кој има по двајца Срби и Шпанци, Американец, Норвежанец, Бразилец и Англичанец.

Меѓу странците е и српскиот интернационалец Немања Обрадовиќ, кој како позајмен од Рад во сезоната 2008/09 година настапуваше за Победа. Клубот има успешни и меѓународни настапи, 16 настапи во Лига Европа и 4 во Интертото купот. Бил победник на Купот во 2012 година, а во шампионатот на Финска најголеми успеси се третото место во сезоните 2008, 2009 и 2013 година.