Демири: Вардар секогаш игра на победа, а против Шкупи сакаме нашата добра серија да продолжи

Лидерот во ПМФЛ, Вардар влегува со 11 бода предност во последниот дел од првенството. Во рамки од 28. коло, фудбалерите на Гоце Седлоски ќе гостуваат на „Чаир“ кај екипата на Шкупи.

Поранешниот фудбалер на Шкупи, Бесир Демири сега настапува во „црвено-црниот“ дрес и очекува добра игра и победа на натпреварот оваа недела.

„Добро е познато дека одиме на победа на овој натпревар. На нов триумф во првенството со кој што ќе се зацврстиме на првата позиција на табелата и ќе ја задржиме предноста која ја стекнавме до сега. Го цениме противникот и знаеме дека нема да биде лесно, меѓутоа подготвени сме да дадеме максимум за да ги освоиме бодовите од овој натпревар. Се надевам дека со тоа ќе продолжи и нашата серија на победи. Атмосферата во екипата на Вардар е одлична, и се надевам дека тоа ќе придонесе за нови три бода и во недела“ , изјави Демири за официјалната веб страница на тимот.

Во првиот меч од 19. коло, Вардар на „Телеком арена“ славеше убедливо со 3-0 со головите на Блажевски, Фелипе и автоголот на Кривањева.