Циркус во Швајцарија: Фудбалери на Македонија нападнале судија, а навивач - го нокаутирал!

Фудбалски клуб на Македонци од Швајцарија е топ-тепа во медиумите во земјата, затоа што фудбалерите направиле вистински скандал и натепале судија, затоа што биле незадоволни од арбитражата на мечот, а потоа, делителот на правдата бил нокаутиран од навивач.

Фудбалерите на ФК Македонија од Берн играат во 4. фудбалска лига, а на натпреварот против ФК Ришег, се случиле луди сцени, откако главниот судија бил нападнат неколку пати од страна на фудбалерите на Македонија, а потоа добил и ќотек.

Поради груба игра и недисциплина судијата покажал вкупно четири картони, пред се затоа што бил нападнат од страна на фудбалерите на Македонија, а по мечот, во службените простории добил и „воспитни“ од навивач на Македонија, по што се здобил со повреди и бил испратен во болница на прегледи.

Поради црвените картони и неспортското однесување ФК Македонија е на последното место на фер-плеј листата со -145 поени, а претседателот на клубот, Орце Андонов, вели дека судијата претерал на средбата и судел остро против македонскиот клуб, но потенцира дека не го оправдува нападот на навивачот и вели дека клубот не е виновен за тоа.