Четворица „азури“ објавија репрезентативна пензија по фијаското во Милано

Дебаклот на италијанската репрезентација, која нема да игра на Светското првенство во Русија, значи комплетна револуција во фудбалот на „чизмата“ и крај на една голема ера. Четири асови на „азурите“, тројца светски шампиони и Џорџо Кјелини, најавија повлекување од дресот со државниот грб.

Буфон, Барзаљи, Де Роси и Кјелини заминуваат од репрезентативниот дрес во најцрниот момент на фудбалот кај четирикратниот светски првак. Солзите на Буфон, бесот на Де Роси, кој одби на влезе во игра, и витештвото на ветераните Кјелини и Барзаљи ќе останат симбол на дуелот на „Сан Сиро“, кој ќе го паметат повеќе Швеѓаните, отколку Италијанците.

Покрај четворицата сенатори, клупата на италијанската репрезентација ја напушта и од сите означениот главен виновник, селекторот Џампјеро Вентура.