ВИДЕО: Челзи им се врати на победите, на „Стемфорд Бриџ“ совладан ВБА

Во последниот натпревар од 27. коло на Премиер лигата, фудбалерите на Челзи ја прекинаа серијата од два порази и славеа победа против Вест Бромвич Албион со 3-0 (1-0).

Избраниците на Конте од самиот старт тргнаа офанзивно и по двете шанси на Запакоста и Жиру, конечно резултатот го отвори Еден Азар. Белгиецот ја искористи асистенцијата од Жиру и со одмерен удар го совлада гостинскиот голман (1-0). Пред постигнувањето на водечкиот погодок, гостите имаа две одлични шанси преку Рондон и Родригез.

До крајот на првото полувреме се закани и Жиру, но биеше непрецизно па на одмор „сините“ заминаа со минимална предност.

Во продолжение фудбалерите на ВБА повторно подобро отворија, имаа две шанси за израмнување преку Рондон и Еванс, но повторно им недостигаше завршница. Виктор Мозес тоа го казни во 63. минута и зголеми на 2-0, а за високи 3-0 осум минути подоцна погоди Азар. До крајот свои шанси за гол имаше и Мората, но резултатот не се менуваше.

Следен предизвик за тимот на Антонио Конте е дуелот од ФА Купот против Хал Сити, по што следи првиот дуел од осминафиналето на Лигата на шампионите против Барселона.