Блажевски: Би сакал одново да ја затресам мрежата на Ренова и да донесам победа за екипата

Напаѓачот на Вардар, Дејан Блажевски беше најзаслужен за двата триумфи на екипата во дуелите со Ренова. Овој викенд, „црвено-црните“ одново се среќаваат со тетовскиот прволигаш, а Блажевски најави дека посакува одново да ја затресе мрежата на противникот за нови три бода на шампионот.

„Немам ништо против повторно да ја победиме Ренова и повторно јас да бидам стрелец. Но, во прв план е победата и трите бода на екипата. И покрај тоа што теоретски сме веќе на првата позиција, секако дека и во недела одиме на три бода. Ни остануваат уште овие три натпревари и потоа одиме на мал одмор. Секако дека посакуваме девет бода од последните три меча, и ќе настојуваме да ги освоиме. Потоа треба да мислиме добро да се подготовиме за настапите во Европа каде што се надеваме и посакуваме успешно лето. Сепак, сега сме фокусирани кон овие три меча на кои што ќе се обидеме да дојдеме до сите победи“ , вели напаѓачот за официјалната страница на клубот.

Вардарци пред себе имаат уште три натпревари во ПМФЛ, па потоа заминуваат на мал одмор во пресрет на настапите во квалификациите за Лигата на шампионите ова лето.