ВИДЕО: „Биковите“ немоќни во Рим, Рома со три гола го испрати Торино

Во првиот натпревар од 28. коло на Серија А, фудбалерите на Рома на својот „Олимпико“ го совладаа тимот на Торино со 3-0 (0-0). Денешниот натпревар беше и еден вид на тест за екипата од Рим пред реванш натпреварот од Лигата на шампионите против Шахтјор Доњецк.

Во првото полувреме домаќините го имаа поседот на топката, но гостите од Торино беа тие кои беа поконкретни кон голот, но не успеаја тоа да го искористат, па на одмор се замина со почетните 0-0.

Во продолжение, избраниците на Ди Франческо имаа целосна иницијатива, за разлика од тимот на Торино кој беше едноставно непрепозантлив и повлечен на својата половина. „Римската волчица“ својата добра игра ја круниса во 56. минута кога Манолас погоди за 1-0, а победата ја најави Де Роси со гол во 73. минута (2-0). До крајот римјаните играа рутински и ја чуваа двојната предност, а во 93. минута Пелегрини ги постави конечните 3-0.

Во наредното коло Рома игра на гостински терен против Кротоне, а Торино серијата од два порази по ред ќе се обиде да ја прекине против Фиорентина, на домашен терен.