Барсегјан пред мечот со Зенит: Играме против силна екипа, но така беше и со Фенербахче!

В четврток екипата на Вардар ќе го одигра својот прв натпревар во групната фаза на Лига Европа. Во Скопје на „Телеком арена“ ќе гостува рускиот гигант, Зенит, а еден од најдобрите вардарови фудбалери во новата сезона, Тигран Барсегјан се надева дека европската серија на победи на домашен терен ќе продолжи и овој дуел.

„Низ досегашните натпревари во Европа, покажавме дека имаме добар тим и дека можеме да се носиме со секого. Особено на домашен терен, каде што остваривме три победи во исто толку натпревари. Се надеваме дека таа серија ќе продолжи и против Зенит. Играме против многу силна екипа, но така беше и со Фенербахче, па ние победивме и на двата натпревари. Во Скопје заедно со нашата публика, можеме да направиме уште еден голем резултат“, вели Барсегјан. 

Ерменецот ги повикува гледачите да дојдат во што поголем број на трибините, бидејќи нивната поддршка им дава мотив за да се претстават во најдобро издание. 

„Повеќе публика, тоа подобро за нас. Тие се нашиот 12. играч, ни даваат мотив да играме и да се претставиме во најдобро издание. Ние ќе им се оддолжиме со максимална игра и се надевам на крајот со победа. Дојдовме до групната фаза, и сега треба да мислиме како да освоиме што повеќе бодови во натпреварите кои претстојат. Исто така во овој натпревар влегуваме во добра серија од пет победи која се надеваме и посакуваме да продолжи“, рече ерменскиот напаѓач. 

Во досегашните средби во Европа на домашен терен, Вардар ги доби сите три натпревари, откако славеше победи против Малме, Копенхаген и Фенербахче. Мечот со Зенит ќе започне од 21.05 часот.