ВИДЕО: Барса ја почна годината со пораз! Баскијците со минимална предност пред реваншот

Во дуелот на двете екипи кои најчесто го освојувале Купот на шпанскиот Крал, вечерва на „Сан Мамеш“ Атлетик Билбао го совлада бранителот на трофејот Барселона со 2-1 (2-0) и со минимална предност ќе патува на возвратниот натпревар. 

Домаќините започнаа со висок пресинг и создаваа евидентни проблеми за Каталонците. По половина полувреме без шанси, по убавата акција на Раул Гарсија, ветеранот Ариц Адуриз со глава на втора статива погоди за 1-0. Гостите не се ни созедоа, а по една ефтино загубена топка, Ињаки Вилијамс со топовски удар ја погоди мрежата на Тер Штеген за 2-0.

Реакцијата на Барса стигна во финишот, кога Ечеита го сруши Нејмар и кога сите помислија дека Борбалан ќе покаже на белата точка, тој му даде жолт картон на Бразилецот заради симулација, а „пожолтеа“ и Жорди Алба и Бускетс заради протести.

Второто полувреме беше монолог на Барса, која цело време го помина во полето на Атлетик Билбао. Лео Меси со одлично изведен слободен удар во 52. минута го совлада Горка Ираисоз и намали на 2-1. Истиот фудбалер во 76. минута пак имаше зицер пред противничкиот голман, но направи чекор повеќе и противничката одбрана го изблокира.

Проблемите на екипата на Ернесто Валверде се зголемија во последните 15 минути, кога најнапред Гарсија, а потоа и Итураспе заработија втор жолт картон и Баскијците со девет фудбалери го завршија натпреварот. Длабоко во судиското надополнување Пако Алкасер од гужвата пред Горка Ираисоз ја погоди стативата и среќата ги спаси домаќините. 

Возвратниот меч се игра на „Камп Ноу“ следната недела, а со овој резултат патникот во четвртфиналето е целосно отворен.